Убиецот на рускиот амбасадор во Турција бил Ѓуленист?

Лицето кое вчера изврши брутален атентат врз рускиот амбасадор во Турција е идентификуван како Мевлут Мерт Алтинтас. Мевлут е бивш припадник на турската полиција кој беше отпуштен од работното место во текот на истрагата после неуспешниот воен пуч на 15-ту јули.

Алтинтас беше дел од полициската единица за контрола на демонстрации. Роден е во 1994 година, а се школувал во Измир.

Според порталот Хабертурк, чии наводи ги пренесува ТАСС, 22-годишниот Алтинтас бил припадник на терористичката организација на проповедникот Фетулах Ѓулен, кого турските власти го обвинуваат за обидот за државен удар.

Рускиот амбасадор Андреј Карлов почина откако за време на говорот на отварањето на изложба во Анкара беше застрелан со повеќе куршуми од страна на Мевлут.

Убиецот беше веднаш ликвидиран од страна на припадниците на обезбедувањето на зградата во која се организирала изложбата и кај него била пронајдена полициска легитимација. Медиумите јавуваат дека убиецот извикал „Алаху Акбар“ и „Не го заборавајте Алепо! Не ја заборавајте Сирија!“.

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган синоќа му се јавил на својот колега Владимир Путин за да го информира за вчерашниот напад во Анкара во кој што беше убиен Карлов.

За сериозноста на ситуацијата доволно говори и фактот што турскиот шеф на дипломатијата, само неколку часа после убиството на Карлов веднаш отпатувал за Москва, а се огласија и од Белата куќа од каде што велат дека убиството на рускиот амбасадор е „неприфаливо“.

Руското министерство за надворешни работи соопшти дека убиството на амбасадорот е терористички акт. Портпаролката на Министерството Марија Захарова изјави дека „убијците ќе бидат казнети“, а „тероризмот нема да се извлече“, и нагласи дека за сето ова ќе биде и отворен случај во Советот за безбедност при Обединетите нации.

Турското Министерство за надворешни работи исто така го осуди убиството на рускиот амбасадор исто така истакнувајќи дека станува збор за „терористички акт“ и порачаа дека убиецот бил неутрализиран. Од турското Министерство нагласија дека овој инцидент нема да ги влоши турско-руските односи.

ruski-ambas

Истото, дека атентатот над Карлов нема да влијае на турско-руските односи го изјави и претседателот на безбедносниот комитет на Државната руска Дума, Леонид Слуцки кој изјави: „Секако, ќе има соопштение до Советот за безбедност на Обединетите нации каде што ќе го изразиме нашето гледиште, но важно е дека нема да има ново заладување на односите помеѓу Москва и Анкара, како што тоа би го сакале нашите стратешки ривали во Анкара и на Западот“.

Зад нападот на Андреј Карлов можат да стојат истите луѓе кои што минатата година го срушија рускиот борбен авион „Су-24“ во близина на турско-сириската граница, а ова го порача градоначалникот на Анкара, Мелик Гекчек. Тој смета дека напаѓачот имал цел да ги влоши турско-руските односи.

Турските медиуми во текот на ноќта убиецот го идентификуваа како Мевлут Мерт Алтинаш, поранешен припадник на турската полиција кој бил отпуштен од служба поради истрага против него дека наводно учествувал во обидот за државен удар во Турција на 15-ти јули оваа година. Како што пренесуваат медиумите, убиецот додека пукал кон Карлов извикувал „Господ е голем“ и “Не го заборавајте Алепо“.

Алтинаша веднаш после атентатот бил убиен од полицајците, а според последните информации тој влегол во просторијата кај што бил рускиот амбасадор откако ја покажал својата полициска значка, за која што постои сомнение дека била лажна.

Елегантно облечен, сериозен и со полициска значка во џебот, тој воопшто не го привлекол вниманието на службите за безбедност, па можел да се доближи до Карлов кој што требало да ја отвори фотоизложбата „Русија во очите на Турците“. Алтинаша бил роден во 1994-та година, а турската полиција вечерта ги привела неговата мајка и сестра.

Лидерот на Чеченија, Рамзан Кадиров се огласи преку Инстаграм, истакнувајќи дека станува збор за кукавичко убиство и побара казнување на сите кои што се поврзани со убиството на рускиот амбасадор: „Уште еднаш убедливо се покажува дека против тероризмот мора да се бори целиот свет, сите земји и сите специјални служби. Инаку чумата ќе се прошири насекаде низ светот. Единствениот лек е целосно искоренување на тероризмот“.

Претседателот на комисијата на Советот на Федерацијата за информациона политика на Русија, Алексеј Пушков изјави дека атентатот на амбасадорот Карлов е поврзан со целата „хистерија околу Алепо“. Убиството на рускиот амбасадор според него е последица на политичката и медиумската хистерија на противниците против Русија, околу Алепо.

Меѓу првите кои што се огласија беше и британскиот министер за надворешни работи, Борис Џонсон кој изјави дека е шокиран и го осуди „кукавичкото убиство“ на рускиот дипломат. Државниот секретар на САД, Џон Кери изјави дека е подготвен да им пружи помош на Русија и Турција во истрагата за убиството на амбасадорот Карлов, а генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг исто така се огласи и го осуди убиството на амбасадорот.

Повеќе детали околу убиството, како и реакцијата на официјална Москва и Анкара ќе следуваат во текот на денешниот ден. Од тоа што можеше да се заклучи од првите реакции на руската и турската страна, за разлика од соборувањето на рускиот авион над сириско-турската граница, овој пат се чини дека нема така лесно да се нарушат односите помеѓу двете земји.

Таму каде што руските бомби или реторика најжестоко ќе удрат деновиве, таму веројатно се наоѓаат организаторите на овој атентат. Путин уште синоќа го предложил Карлов за постхумно добивање на државна награда. Според зборовите на неговиот портпарол Димитриј Песков, Путин рекол дека „станув збор за подло убиство“, а за амбасадорот Карлов рекол дека бил „интелигентен и добар човек“.

Рускиот претседател рекол само дека Москва сега мора да дознае кој стои зад атентатот на амбасадорот Карлов.

„Рускиот истражен комитет веќе започна истрага за атентатот. Наредено е формирање на работна група која што ќе отпатува во Анкара и заедно со турските партнери ќе го истражи ова злосторство“, изјавил Путин од Кремљ, а според неговите зборови, тој договор бил постигнат откако телефонски разговарал со турскиот претседател Ердоган.

„Мораме да дознаеме кој стои зад тој атентат“, изјави Владимир Путин, кој побарал од турските власти гаранции за безбедноста на руските дипломати во Турција и им наложил на сите амбасади да го зголемат степенот на безбедност.

Според Путин, убиството на Карлов имало цел да ги наруши односите помеѓу Русија и Турција и да ги наруши разговорите за иднината на Сирија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.