Убиецот на сестрите оставил проштално писмо и пари за неговиот погреб

Истрагата која се води за вчерашното двојно убиство и самоубиство, во скопски Аеродром, води кон тоа дека Игор Спасовски најверојатно го испланирал трагичниот настан. Во возилото „форд фокус“, со бугарски регистарски таблички (КА 1678 БК), било пронајдено проштално писмо напишано од Спасовски, пишува Утрински весник.
Според истите сознанија тој во возилото оставил извесна сума пари. Се говори дека се работи за сума од 26.000 денари кои што требало да бидат употребени за неговиот погреб, а наводно, во дел од писмото тој го најавил настанот кој ќе се случи само малку по неговото пристигање во населбата Аеродром.

Според сознанија на весникот, Игор Спасовски никогаш не бил вработен во Министерството за внатрешни работи и  пиштолот со кој тој ги уби двете сестри а потоа и самиот си го одзеде животот, не бил службен туку дека поседувал дозволата за поседување огнено оружје која гласела на негово име.

Во поглед на шпекулациите околу ангажаманот на Игор како обезбедувач на висок државен функционер министерката Гордана Јанкулоска вели:

„Шпекулациите говорат за едно целосно непознавање на проблематиката и начинот на кој е регулирано обезбедувањето на владините функционери. Согласно прописите на одреден број на високи функционери во државата им следува обезбедување и на сите на кои им следува обезбедувањето тоа го прави Министерството за внатрешни работи. Така да не би коментирала лични или приватни познанства или релации бидејќи тоа е надвор од нашиот домен на надлежности“.

Од МВР само кратко време по несреќниот настан потврдија дека против Игор, уште во 2004 година, била поднесена кривична пријава за тепачка, но тој минал со судска опомена и согласно законот, по одредено изминато време, казната била избришана од евиденција.

Истрагата допрва ќе утврдува кој бил мотивот на Игор да ги убие двете сестри, а потоа и да се самоубие, но она што е засега извесно е дека тој на таков чекор се одлучил поради несогласувања кои ги имал со својата пријателка со која бил во блиски односи нешто повеќе од половина година, пишува Утрински весник.

Фото: Утрински весник