Убиен еден од киднапираните Јапонци од ИСИС

Исламската држава на интернет постави видео снимка на која еден од киднапираните Јапонци, Кенџи Гото, ја држи фотографијата од убиениот Харуна Јукава. При тоа се слуша како некој на англиски јазик го обвинува јапонскиот премиер затоа што на Исламската држава не и биле исплатени парите кои ги побарала. Светските лидери ја осудија ликвидацијата на јапонскиот државјанин и побараа итно ослободување на вториот киднапиран Јапонец.

Јапонија, САД, Франција и Велика Британија остро го осудија убиството на киднапираниот Јапонец кој го изврши Исламската држава.

– Тој терористички чин е срамен и неприфатлив и најостро го осудувам – изјави јапонскиот премиер Шинзо Абе.

Американскиот претседател Обама денеска по телефон му изрази сочувство на јапонскиот премиер.

Тој вчера изјави дека САД ќе биде покрај Јапонија со цел одговорните за убиството да бидат изведени пред лицето на правдата а Исламската држава – елиминирана.

Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави дека убиството на Јукава го покажува „дивјаштвото на терористите“. Францускиот претседател Оланд го осуди „дивјачкото убиство“ и ја поздрави Јапонија во нејзината одлучност за борба против меѓународниот тероризам.

Светските агенции синоќа објавија дека Исламската држава на интернет поставила видео снимка на која еден од киднапираните Јапонци, Кенџи Гото, ја држи фотографијата од убиениот Харуна Јукава. При тоа се слуша како некој на англиски јазик го обвинува јапонскиот премиер затоа што на Исламската држава не и биле исплатени парите кои ги побарала.

За животите на јапонските државјани Исламската држава бараше 200 милиони долари во рок од 72 часа.