Убиен еден од најбараните терористи во Југоисточна Азија

Филипинската армија денеска потврди дека на југот на државата во неделата бил убиен еден од најбараните терористи во Југоисточна Азија, Абдул Басит Усман. Тој беше еден од водачите на најекстремната исламистичка група на Абу Сајаф, огранок на Ал Каеда во овој регион. Главата на терористот,организатор на бројни бомбашки напади, беше уценета на милион долари. Заедно со Усман биле ликвидирани и петмината членови од неговото лично обезбедување.

Наградата од уцената ќе ја добијат припадници на МОРО исламистичкиот фронт, бунтовничко движење кое над 50 години водеше борба со филипинската армија за создавање на автономна муслиманска провинција на југот на филипинскиот архипелаг. Минатата година МОРО фронтот и властите во Манила склучија сеопфатен договор за примирје, кој веќе се спроведува.

Убиениот терорист, чија групација има бази во прашумите во Малезија и на Филипините, според соопштението на раководството на МОРО фронтот, се заканувал дека ќе ги ликвидира сите што потпишале мировен договор со властите од Манила.