Убиен фудбалски репрезентативец на Панама

Членот на фудбалската селекција на Панама, 33-годишниот Амилкар Енрикез, починал во болница откако бил застрелан во близина на својот нов дом во Нуево Колон, пренесуваат локалните медиум.

Енрикез, кој сезонава настапуваше за клубот Арабе Унион де Колон од каде што ја започна интернационалната кариера, со пријатели бил на улица, кога група мажи излегле од автомобил и отворилe оган врз него и неговите пријатели, според првите сознанија на полицијата.

Очевидци изјавиле дека виделе црвен автомобил „нисан“ пред вооружените лица да излезат од возилото и да отворат оган прво врз Енрикез, а потоа и врз неговите пријатели. Мотивите засега не се познати.

Амилкар Енрикез бил пренесен со неколку прострелни рани во болница, но лекарите не успеале да му го спасат животот. Двајцата други ранети во нападот, идентификувани како Жоземар Педро и Делано Вилсон, исто така се хоспитализирани.

Панамскиот фудбалер од средниот ред настапуваше претходно за колумбиските клубови Индепендиенте де Меделин, Америка де Кали, Реал Картахена и Атлетико Хуила, како и за костариканскиот Сантакрусења.

Енрикез беше стандарден во репрезентацијата на Панама од 2005 година, за којашто одигра 75 натпревари. Последниот пат репрезентативниот дрес го облече на 28 март на мечот против САД во рамките на квалификациите од Конкакаф зоната за Светското првенство коешто во 2018 година ќе се одигра во Русија.

Панамскиот претседател Хуан Карлос Варела напиша на Twitter „Најостро го осудуваме убиството на Амилкар Енрикез: На Колон ќе му ги пружиме сите неопходни безбедносни мерки за да бидат приведени одговорните“.