Свет

Убиен лидер на огранок на Ал Каеда во Сирија

Убиен лидер на огранок на Ал Каеда во Сирија

Мухсин ал-Фадли, клучна фигура на опасниот огранок на Ал Каеда е убиен во напад на коалициските сили, предводени од САД, соопшти денеска Пентагон.

– Ал-Фадли загина на 8 јули во нападот од воздух врз возилото со кое патувал, кај градот Сармада во Сирија, рече портпаролот на Пентагон Џеф Дејвис, пренесува МИА.

Дејвис додаде дека Ал-Фадли бил „еден од само неколкумнината доверливи лидери на Ал Каеда кој однапред ја имал информацијата за планот за напади во САД на 11 септември 2001 година.

Портпаролот на Пентагон не изнесе повеќе податоци од нападот во кој погина лидерот на огранокот на Ал Каеда, па затоа не се знае дали нападот бил изведен со дрон или летало со кое управувал пилот.

Ал-Фадли бил водач на групата Хорасан, која околу себе собира оперативци на Ал Каеда испратени од Пакистан во Сирија за да осмислуваат напади врз цели на Западот.

Американските безбедносни служби наведуваат дека групата Хорасан и официјално е дел од екстремистичката организација фронтот Ал Нусра, сирискиот огранок на Ал Каеда.

Американскиот Стејт департмент имаше понудено награда од седум милиони долари за информации кои би водиле до апсење или смрт на Ал-Фадли, кој претходно живеел во Иран.