Убиен уште еден пратеник од партијата на Јанукович

Поранешниот заменик претседател на украинската Врховна Рада, Олег Калашников, вчера е убиен во својот дом во Киев, соопшти украинската полиција, пренесува МИА.

Телото на поранешниот украински парламентарец, кој беше член на Партијата на регионите на поранешниот претседател Виктор Јанукович, беше пронајдено синоќа во неговата куќа, потврди украинското Министерство за внатрешни работи и додаде дека смртта настапила од огнено оружје.

Француските медиуми наведуваат дека полицијата отворила истрага за случајот.

Калашников е четвртиот сојузник на соборениот украински претседател кој во изминатите два месеца умира под сомнителни околности.

Тројца поранешни пратеници на украинскиот Парламент, блиски до соборениот Јанукович, во март беа пронајдени мртви во земјата, а Партијата на регионите, која е „замрзната“ од смената на Јанукович, смета дека тоа е последица на прогонот на поранешниот претседател од страна на новата киевска прозападна Влада.

И 33-годишниот син на Јанукович, Виктор, минатиот месец погина откако неговиот автомобил, наводно, одеднаш пропаднал во мразот на Бајкалското езеро, во источниот дел на азиска Русија.