Убиени 14 и ранети 40 мировници на ОН во Конго

Четиринаесет припадници на мировните сили на ОН се убиени а повеќе од 40 се ранети во напад во источниот дел од Демократска Република Конго, изјавил за Reuters во петокот функционер на Обединетите нации кој побарал да остане анонимен, а втор функционер рекол дека биле нападнати мировните сили од Танзанија.

Нападот се случил во конгоанската северна покраина Кива, во којашто оперираат вооружени милиции, кои продолжуваат да се борат за контрола над оваа област богата со минерали и покрај завршувањето на војната пред повеќе од петнаесет години.

„Нашите мисли и молитви се со семејствата и нашите колеги во мировната мисија MONUSCO. Засилувања се испратени на местото на нападот а медицинската евакуација е во тек“, напиша Жан-Пјер Лакроа, потсекретар на ОН за мировните мисии.

Стабилизациската мисија на Обединетите нации во Демократска Република Конго (MONUSCO) е мировна мисија на светската организација воспоставена во 1999 година со цел да го надгледува мировниот процес по втората конгоанска војна.