Убијците на Гашовски се на слобода – тврди сопругата на убиениот Mакедонец во Австралија

Завчера на прес-конференција во градот Арнклиф во Австралија, сопругата на убиениот Австралиец со македонско потекло Џон Гашовски, Џеки, порача да се најде убиецот на нејзиниот сопруг кој е на слобода, пред да биде предоцна, пренесува весникот „Дневник“.

„ Болката што ја чувствуваме по смртта на Џон не може да се опише со зборови. Сакаме одговорните за убиството да бидат пронајдени и осудени за ниту едно друго семејство да не ја доживее повторно оваа болка, со која живееме секој ден, изјавила Џеки Гашовски, додавајќи дека Џон бил добар сопруг и човек со големо срце.

48-годишниот Џон Гашовски беше пронајден мртов на 15 јуни годинава, кај местото Џамберу, кај Волонгонг. Џон од дома си заминал на 9 јуни и рекол дека ќе оди за Kанбера, но таму никогаш не тргнал, а откако го изгубиле контактот со него на 12 јуни, почнала полициска потрага. Неговото тело беше пронајдено три дена подоцна.

Полицијата обелодени дека Гашовски бил егзекутиран со еден куршум во главата, но засега не се  знае  ниту мотивот ниту пак има осомничени за ова злосторство. Се претпоставува дека според начинот на кој бил ликвидиран, е можна цел на подземјето во Австралија и тоа на локалната наркомафија. Она што е познато е дека Гашовски бил бизнисмен од Арнклиф, Сиднеј, кој немал криминално досие.

„Се` што знаеме е дека тој пиел во локален паб во Сиднеј со свои пријатели кога им рекол дека планира да замине за Kанбера. Му предложиле да појдат со него, но тој заминал сам“ – рекол еден од детективите во овој случај.

Џон наводно истата вечер и се јавил на сопругата и рекол оти стигнал во Kанбера и дека ќе се врати наредниот ден.

Детективите се обратиле до јавноста, бидејќи немаат доволно информации зошто би можел Џон да биде убиен, иако неколкупати се враќале  на местото каде што било пронајдено телото за да проверат дали евентуално пропуштиле некои докази.

Полицијата го следела неговото движење додека имало видео докази за тоа, односно на места каде што неговото возило било фатено од камерите поставени на патот. Детективот Вилинг побарал од јавноста кој било моторџија или возач што го забележал сивиот „хјундаи“ да сподели информации со полицијата. Вилинг посочил дека голем број моторџии во денешно време имаат поставено камери на своите мотори, па постои можност некој од нив го снимил и Џон.