Убиството во Љуботен поради сообраќаен прекршок

Расправија и физички напад на кружниот тек во Бутел поради сообраќаен прекршок му претходеле на убиството кое вчера вечерта се случи во скопско Љуботен.

Од полицијата информират дека за убиството на 30-годишниот Џеваир М. на разговор биле повикани четири лица, додека по осомничениот за делото, 21-годишниот Т.Б. се уште се трага.

По расправијата во Бутел, вечерта семејството на Т.Б. го повикало Џеваир со цел да ги расчистат недоразбирањата.

-Кога Џеваир М. со својот брат А.М.(23) пристигнале на влезот во селото Љуботен  од страна на семејството на Т.Б. биле повикани да дојдат до во близина на џамијата. Откако пристигнале на местото на настанот и започнале разговор со таткото и двајцата браќа на Т.Б., истиот од нива во близина испукал еден куршум погодувајќи го Џеваир М., информираат од МВР.

Со прострелна рана од автоматско оружје во пределот на градниот кош, Џеваир бил пренесен во ГОБ „Св.Наум Охридски“ – Скопје каде лекар само ја констатирал смртта.

Полицијата на местото на убиството извршила увид при што биле пронајдени и подигнати за вештачење траги од крв и една чаура.