Ученикот осомничен дека направил бомба се сели во Катар

Американскиот ученик Ахмед Мохамед, кој беше погрешно осомничен дека направил бомба, заедно со целото негово семејство, ќе се пресели од САД во Катар.

Мохамед, кој има 14 години, ја прифатил понудата да добива стипендија од катарската Фондација за образование, наука и социјален развој, која обично им се дава на млади иноватори.

Во понеделникот, овој ученик од Ирвинг во Тексас, беше примен во Белата куќа од претседателот Барак Обама.

Ахмед Мохамед стана познат за пошироката американска и меѓународна јавност, откако неговиот учител, по грешка, дома составениот часовник, што ученикот го донел во училиштето, го протолкувал како бомба.

Учителот веднаш ја повикал полицијата и покренал безбедносна тревога, по што Мохамед беше уапсен.

Набргу потоа, кога беше утврдено дека „часовникот-бомба“ е иноваторско остварување и никого не загрозува, момчето беше ослободено.

Апсењето на еден талентиран ученик предизвика бурни реакции со осуда во САД. Критичарите на постапката на училиштето и на локалната полиција, тврдеа дека реагирале на тој начин, само поради името и религиозната припадност на младиот иноватор.

Властите во Ирвинг, како и управата на училиштето, ги отфрлаат како неточни ваквите толкувања, инсистирајќи дека единствено се раководеле од грижата за безбедноста на сите ученици.

Веднаш по осолободувањето од притворот, младиот Мохамед одлучи да го напушти училиштето во кое дотогаш се школуваше.

Неговите родители за американските медиуми изјавија дека добиле бројни писма со поддршка и понуди од поединци и организации во САД, за нивниот син да го продолжи своето образование, но дека тие се решиле да ја прифатат понудата од Катар, каде ќе се пресели целото семејство.