Ученици од „Арсени Јовков“ ја бојкотираат наставата, сакаат директор Албанец

Ученици Албанци од скопското средно економско училиште „Арсени Јовков“, подржани од нивните родители, како и од професорите Албанци денеска ја бојкотираат наставата и бараат разрешување на директорката. Покрај ова барање тие сакаат новиот директор да биде од албанска националност, пишува Доказ.мк.

Оваа заострена реакција на родителите Албанци дојде по разрешувањето на помошник-директорот Назми Рамани од страна на директорката. Во знак на револт, оставка поднесе и претставникот Албанец во училишниот одбор. Овие чекори дојдоа по обвинувањата дека во албанските паралелки има лоши услови за учење и по 40 средношколци, како и поради пополнувањето на македонските паралелки со ученици Албанци. Во моментов во средното економско училиште врие од полиција.

Во случај ако споменатото лице не поднесе оставка, бараме:

– Градоначалникот на Град Скопје веднаш да ја разреши сегашната директорка (во согласност со член 91, 92a и 93 од Законот за средно образование) и да назначи в.д. директор.

– Јавното обвинителство да покрене обвинение против поранешната директорка за злоупотреба на службена положба (член 353 од Кривичниот законик на Република Македонија).

– Државниот инспекторат за образование да спроведе проверки на законитоста на работата на досегашната директорка (во согласност со законските одредби, но и со учеството на инспектори Албанци бидејќи досега неправилностите и незаконитостите од оваа институција беа криени).

– Министерството за образование, според член 108б, да му ги одземе надлежностите на Градот Скопје во образованието ако градоначалникот не интервенира за спречување на дискриминацијата на Албанците.

Барање на родителите и професорите Албанци е и да се именува директор Албанец.

„Бидејќи поголемиот дел од учениците во ова училиште се од албанска националност бараме директор на училиштето да биде Албанец кој ќе се грижи за сите ученици подеднакво без да ги дискриминира“, пишува во барањето.