Учениците да се вратат на настава, средбата не зависи од бојкотот

Во зависност од агендата ќе може да усогласиме термин за средба, но тоа нема да зависи од тоа дали ќе бојкотираат или не. Ги повикувам да се вратат во училишните клупи и да продолжат со наставата, а средба секако ќе има, изјави министерот Абдилаќим Адеми во однос на денешниот бојкот во некои училишта, преку кој Средношколски пленум бара средба со раководството во МОН.

Министерот за образование и наука рече дека според податоците кои МОН ги  добил денеска, има делумен бојкот во неколку училишта во Скопје и во две во Куманово.

– Мене ми е жал што во тие училишта се бојкотира наставата затоа што сметам дека учениците треба да го исполнат фондот на часови утврден со законот, а доколку имаат барање за средба, барање за разгледување на аспекти во образованието, тоа право, секако, го имаат и ние ќе се сретнеме. Но ги повикувам, да не користат вакви начини зашто не е добро ни за нив, ни за општеството, ни за државата. Тие треба да учат и да бидат во училишните клупи, рече Адеми.

На реакциите од Пленумот дека МОН е за нив недостапно, министерот посочи дека телефоните на сите институции се јавни, достапни и може во секој момент да побараат средба, а на прашањето како Средношколската унија успеала да договори средба со МОН, одговори – преку службите на Министерството.

Средношколската унија минатиот понеделник издејствува математиката да не биде задолжителен предмет во екстерното на државната матура, но Средношколскиот пленум смета дека не се исполнети во целост нивните барања, меѓу кои и за укинување на екстерното оценување. Двете здруженија меѓусебно спорат и за легитимноста да ги претставуваат средношколците.

– Деведесет отсто беа реализирани барањата околу државната матура. За екстерното оценување се договоривме со СОНК дека треба да постои, треба да се усоврши и да биде унапредено. Некои аспекти кои не беа тема на разговори со СОНК, ние со други фактори ќе ги усогласиме и ќе ги договориме, додаде Адеми.

Мартина Бошковска од гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ и претставник на Средношколскиот пленум изјави дека во нивното училиште денеска се бојкотира наставата. Имале едукативни, информативни и интерактивни активности во холот и дворот, но не во училниците.

– Бараме да се врати стариот концепт на полагање државна матура и укинување на екстерното тестирање. Направениот компромис во врска со математиката не е во согласност со барањата на Средношколскиот пленум, изјави Бошковска.

Според Средношколскиот пленум, покрај во „Корчагин“ денеска се бојкотира и во скопските средни „Орце Николов“, „Кочо Рацин“, „Ѓорѓи Димитров“, „Никола Карев“ и „Здравко Цветковски“.

Бошковска негираше дека имаат политичка поддршка во организирањето протести, како што тврди Средношколската унија.

–  Се оградуваме од тоа дека ние сме партизирани или политизирани. Ние сме само здружение на средношколци во Македонија и не сакаме такво етикетирање, рече Бошковска.

Во врска со сугестијата на „Меѓаши“ двете здруженија да комуницираат за да ги надминат отворените прашања, таа посочи дека Средношколскиот пленум ја поканил Средношколската унија на јавна дебата на која би се договориле за заедничко дејствување но, рече Бошковска, тие не одговориле на поканата.