Учесниците на Школата за млади лидери во посета на геријатријата во Охрид

Учесниците на петтата по ред Школа за млади лидери, што под покровителство на Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов се одржува во Охрид, вчера вечер го посетија геријатриското одделение во охридската Општа болница, каде донираа храна и средства за лична хигиена за старите лице сместени во оваа институција.

Иницијатива за донацијата потекна од самите учесници на Школата, што се одржува од 19 до 28 август во Охрид.

ger 1

„Целта на оваа акција е да покажеме колку малку е потребно во животот да се направи една добрина, за одредена категорија на луѓе во општеството да се почуствуваат сакани и среќни. Идејата потекна од визијата и желбата на претседателот Иванов, кој во изминатите денови на Школата за млади лидери постојано ни зборува како треба да правиме добрина, како треба да им помагаме на луѓето во заедницата, што е и основна цел на лидерите – да ги водат луѓето во заедницата, да им помагаат тогаш кога им е потребно“, изјави Новица Костојчиноски, учесник на школата, изразувајќи надеж дека со оваа иницијатива младите лидери покажале дека не се пасивни слушатели на Школата, туку и дека во иднина, по завршувањето на Школата, ќе бидат активни чинители во општеството и ќе превземаат иницијативи за подобрување на животот на различните категории на граѓани.

ger 2 (1)

Директорот на охридската општа болница, д-р Љубен Арнаудов, во име на вработените и пациентите изрази благодарност за донацијата од младите лидери.

„Би сакал да изразам голема благодарност до членовите на Школата за млади лидери, под покровителство на претседателот Иванов, што најдоа време да го посетат геријатриското одделение во Општата болница – Охрид. Јас сум пријатно изненаден што овие млади луѓе дадоа иницијатива и не ги заборавија старите, кои лежат во нашата болница, кои се во трета доба и се во лоша здравствена состојба. Луѓето се желни за внимание. Младите лидери покажаа дека се подготвени да го дадат тоа внимание, со тоа што не ги заборавија и ги посетија“, изјави д-р Арнаудов.

ger 2

„Во името на општината Охрид и во името на градоначалникот на општината ќе се заблагодарам на овие млади луѓе и ќе ја пренесам пораката што ја пренесуваме кон нив, а тие се надевам ќе ја пренесат кон другите млади луѓе – нека ги гледаат ваквите места, бидејќи ваквите места се дел од нашето секојдневно живеење. Како тие стануваат се повозрасни, нека инвестираат во вакви и слични објекти, бидејќи дел од тие ќе бидат објектите коишто и на нас кога ќе остариме ќе ни требаат“, изјави Ангел Јанев, заменик-градоначалник на Општина Охрид.

Во моментов, во геријатриското одделение на охридската Општа болница се сместени вкупно 33 пациенти.