Македонија

Учество на ФЗОМ на четвртата Ревматолошка академија

Учество на ФЗОМ на четвртата Ревматолошка академија

Во периодот од 30.10 до 01.11.2014 година во Охрид се одржа традиционалната четврта по ред, Ревматолошка академија, во организација на Македонската ревматолошка асоцијација – МААР.

На овој сатручен собир активно учество зедоа и претставниците на Фондот за здравствено осигурување.

За време на панел дискусијата, претставниците на здружението на пациенти „НОРА“, кои се гласноговорници на пациентите, директорот на клиниката  и претставниците на ФЗОМ одговараа на прашања во врска со проблемите  со кои се соочуваат оваа категорија граѓани во Република Македонија. Беше потенцирана потребата од вклучување нови генерики од биолошка терапија на Позитивната листа на лекови, како и проширување на индикационите подрачја на веќе постоечките лекови, различни дозажни форми на лекови. Беше нагласена и потребата од дисперзирани центри, кои би биле надвор од Универзитетската клиника за ревматологија (Тетово и Битола), за поголема достапност на постоечката терапија за пациентите.

Претставниците на Фондот за здравствено осигурување ги посочија своите обврски кон Позитивната листа на лекови со номинирање свој претставник во Комисијата при Владата на Република Македонија преку која се прават сите промени на Позитивната листа на лекови.

Претставниците на ФЗОМ информираа за проектот „Условни буџети за специфична терапија“ што успешно функционира и на Клиниката за ревматологија, почнувајќи од 2011 година, а со кој во 2014 година квартално се опфатени 110 пациенти со апликација на биолошка терапија Mabthera (rituximab). Воедно беше потенцирана потребата од изработување на Регистар на пациенти со ревматолошки заболувања кој има цел да го претстави апроксимативниот број на пациенти во Република Македонија.

Инаку, Академијата преку своите презентации овозможи приказ на новите дијагностички и терапевтски модалитети во ревматологијата, особен осврт кон најновите препораки на EULAR 2012/2013 година, односно протоколи за успешно лекување на ревматоидниот артритис кои се користат во светски рамки според најновите медицинските истражувања на стручната фела.

Исто така беа прикажани случаи на пациенти кои се лекуваат на ЈЗУ Универзитетска клиника за ревматологија, нивно следење од почетокот на дијагностицирање на болеста се до постигнување на ремисија.