Учество на Николоски во Парламентарното собрание на Советот на Европа

Од 26 до 30 јануари 2015 година во Стразбур,  Франција, се одржува редовната зимска сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, на која учествува Делегација на Собранието на Република Македонија во состав Александар Николоски, шеф на Делегацијата, како и Ермира Мехмети и Владимир Ѓорчев.

Главните теми на зимската сесија ќе бидат итната дебата по терористичките напади во Париз, дебатата за заштита на слободата на медиумите во Европа, како и хуманитарната ситуација во Украина.

Пред пратениците на Парламентарното собрание на Советот на Европа ќе се обрати ирскиот претседател Мајкл Д. Хигинс. Другите теми на дискусија ќе бидат нетолеранцијата и дискриминацијата во Европа, со посебен акцент врз христијаните, како и заедничката дебата за еднаквоста и за кризата, како и на правото на колективно преговарање, вклучувајќи го и правото на штрајк.

Пратениците ќе расправаат и за извештајот за односите меѓу Советот на Европа и Европската унија.

Министерот за надворешни работи на Белгија,  Дидие Рејндерс, во својство на  актуелен претседавач со Комитетот на министри, ќе ги претстави приоритетите на белгиското претседателство и ќе одговора на прашањата на парламентарците.

Генералниот секретар на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд, исто така, ќе има свое обраќање, а комесарот за човекови права, Нилс Муижниексс, ќе зборува во рамките на дебатата за Украина.

На првиот ден од сесијата, Собранието ќе одржи свеченост по повод одбележувањето на 70-годишнината од ослободувањето на Аушвиц на која е предвидено да се обратат преживеани од Аушвиц.