Учество на Попоски на 69-то заседание на Генералното собрание

Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, денеска се сретна со Министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн. Луксембург ќе претседава со Советот на Европската Унија во втората половина од идната година. Министерот Аселборн најави дека земјите од Западен Балкан ќе бидат на агендата.

“Како мала земја, Луксембург има разбирање и интерес да помогне на сите земји од Западен Балкан да напредуваат во нивното приближување кон ЕУ,” изјави министерот Попоски. “Но пречката останува иста: потребата од консензус во носењето одлуки во ЕУ.”

Попоски се сретна и со министерот за надворешни работи на Сенегал, Манкур Ндиаје. Министрите ја потенцираа нивната соработка и во Франкофонијата, а најавија и продлабочување на економската и образовната соработка. Исто така, министерот Попоски се сретна и со министерот за надворешни работи на Парагвај Еладио Лоизага, кој го поздрави фокусот на Јужна Америка видлив преку отворањето на македонско дипломатско претставништво во Бразилија. Беше остварена и средба со претставници на Американско Еврејски Комитет, при што беше потврдена традиционално одличната соработка.

Попладне, министерот учествуваше на неформален состанок на министри за надворешни работи на земјите од Западен Балкан и Европската Унија, на кој беше и Комесарот за проширување, Штефан Филе како и назначениот Висок претставник за надворешни работи и безбедносна политика, Могерини.

Министерот Никола Попоски имаше обраќање на Климатскиот самит на кој, меѓу другото, ја посочи и новата апликација “Патувај Зелено,” претставена минатата недела од градот Скопје и изработена во партнерство со УНДП. Апликацијата цели кон намален општ придонес на јаглерод диоксид во главниот град.

p1

p2

p3