Училишниот старт со 1.000 првачиња помалку од лани

Успешен е почетокот на учебната година во околу 680 основни и средни училишта низ Македонија. Во новата, 2014/2015, има околу 275.000 ученици (190.000 основци и 85.000 средношколци), соопшти министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми. Во прво одделение се запишани 20.445 ученици, помалку за околу илјада од лани, кога беа запишани 21.461 првоодделенци. Од вкупниот број првачиња годинава, според податоците на МОН, 13.455 или 65 отсто  ќе следат настава на македонски јазик, 6.332 или 31 отсто на албански јазик, 578 (3 отсто) на турски јазик, 38 на српски јазик (0,1 проценти) и 42 на босански јазик (0,2 отсто).  Во скопскиот регион се запишани  6.784 (4.244 на македонски јазик, 2.348 на албански и 172 на српски јазик).

– Новата учебна година 2014/2015 започна навреме, на 1 септември, со исклучок на неколку училишта каде наставата не започна истиот ден поради реакции  на дел од родителите на учениците по различни основи, а генерално поради просторните услови или комбинирањето на паралелките. МОН испрати апел до нив и во меѓувреме, заедно со единиците на локалните самоуправи, бараме начин за надминување на состојбите. Така што, стартот може да го оцениме како успешен во сите речиси сите 680 основни и средни училишта – број во кој се вклучени и подрачните објекти, рече Адеми на прес-конференција.

Министерот Адеми е задоволен од подготвителните активности кои обезбедиле успешен старт на учебната година, во кои ги вброи и реконструираните 33 училишта (23 основни, 9 основни и еден државен училишен центар за образование и рехабилитација), изградбата на три нови училишни згради (во општините Шуто Оризари, Могила и Боговиње) и изградба на шест  монтажни училишта во руралните средини.

– Голем дел од активностите се веќе реализирани, а целосно заокружување на акцискиот план очекуваме до крајот на септември. Како и секоја година дистрибуиравме комплетно нови учебници од прво до трето одделение, кои првпат добија и нови учебници по предметите математика и природни науки  за кои се изработени наставни програми според стандардите на Кембриџ од Велика Британија, инвестиција за која МОН одвои 148 милиони денари. Дополнително, направени се корекции на учебниците од сите други одделенија, кои се пријавени како уништени или оштетени, и тие се дистрибуирани. Со тоа,  родителите на учениците имаат една грижа помалку од финансиски аспект кога е во прашање набавката на учебниците, додаде Адеми.