Училишно советување за ученици со многу изостанoци или слаб успех

Министерството за образование и наука со две нови програми ќе се обиде да им помогне на учениците кои имаат голем број на изостаноци и слаб успех.

Ресорниот министер, Спиро Ристовски денеска истакна дека идентификацијата на учениците кои се соочуваат со одреден проблем е првиот чекор во процесот на неговото советување, а вториот е упатување на учениците кај училишниот психолог.

Програмата на МОН предвидува класниот раководител да води евиденција и да утврдува дали ученикот има голем број на изостаноци, односно 10 неоправдани или 100 оправдани. Ќе се следи и можно намалување на општиот успех за многу кратко време.

Доколку ова се случи, ученикот ќе биде испратен кај училишниот психолог, кој најпрво разговара со ученикот и прави проценка дали е потребно да се повика неговиот родител , а потоа се изготвува план за советување и поддршка на ученикот во корегирање на несоодветното однесување.

Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, потенцира дека советувањето на учениците од страна на психолог може да биде индивидуално и групно.

Целиот процес без разлика дали советувањето е индивидуално или групно е документиран преку пополнување на пропишаните обрасци- упатување на ученик на советување кај психолог, планирани активности за поддршка на ученикот, образец за водење евиденција на индивидуално советување, план за советување во група како и Листи за евиденција на групите кои се советуваат.

„Програмите за советување ќе придонесат за јакнење на воспитната улога на психолошко-педагошките служби во училиштата, пред се на наставниците како клучна алка во воспитно-образовниот процес, затоа што тие се лицата коишто поминуваат најмногу време со учениците и први ги детектираат симптоматичните однесувања кај нив, а потоа пристапуваат кон надминување на одреден проблем или причина која предизвикала негативен ефект во процесот на нивна едукација“, рече министерот.

Програмите веќе се објавени во Службен весник и стапени на сила.

За успешна реализација на овој проект, МОН етапно ќе вработи 294 педагози и психолози.