Македонија

УЧК презема одговорност за проектилот кај Соравија

УЧК презема одговорност за проектилот кај Соравија

Министерството за внатрешни работи ја продолжува истрагата за случајот во кој од проектил беше оштетена фасадата на станбениот комплекс „Соравија“ лоциран на Водно. Завршено е вештачењето на подигнатите материјали од лице место, меѓу кои и на проектилот.

Неофицијално се работи за проектил со калибар 40 милиметри, испукан од исто оружје како тоа што беше употребено при нападот на Владата.

Не откривајќи повеќе детали, во интерес на истрагата, од МВР велат дека работат на утврдување на идентитетот на сторителот или сторителите, но и на мотивите и целта.

Во меѓувреме, косовските медиуми објавија коминике според кое одговорноста за испалениот проектил ја превзема УЧК, писмо потпишано од наводен командант Куштрими.

Во писмото се посочува дека целта биле просториите на МВР, а причината е одмазда за полициската акција која беше спроведена во Куманово,  а во која беше успешно разбиена криминално терористичка група.  Во писмото тие се закануваат и по личната безбедност и безбедноста на нивните деца на премиерот Никола Груевски и поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.

Во писмото стои “Никола Груевски и Сашо Мијалков и сите оние кои помагаат против албанскиот народ, сега имаат причина да бидат вознемирени за нивната сигурност и за нивните семејства, од припадниците на УЧК кои се подготвени да дејствуваат“.

Тие бараат ослободување на сите припадници на УЧК кои се уапсени  вклучително и оние кои дејствуваа во Дивата населба во Куманово.

По ваквата објава во косовските медиуми, од МВР велат заканите искажани во коминикето ги сфаќаат сериозно и ги превземаат сите мерки за што поскоро откривање на идентитетот на лицето или лицата кои стојат зад ова. Дополнително, македонската полиција ќе оствари комуникација со косовските власти за проверка на одредени информации во интерес на брзо расчистување на случајот.