Училиштето во Скудриње по половина век ќе добие систем за греење

Училиштето во Скудриње по половина век ќе добие систем за греење
Училиштето во Скудриње по половина век ќе добие систем за греење

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски денеска го посети Основното училиште „Блаже Конески“ во село Скудриње во општина Маврово-Ростуше, каде што се работи на поставување современ централен систем за греење.

Ристовски посочи дека инвестицијата е на барање на жителите и дека е од исклучителна важност поради тоа што во изминатите 60 години, откога е изградено ова училиште, се употребувале шпорети на дрва.

– Како ресорно Министерство, инвестиравме околу 6 милиони денари за воспоставување целосно нов систем за греење и за 30-ина дена целиот процес ќе биде завршен. Тоа значи дека од следната грејна сезона наставниот кадар ќе има значително подобрени услови за работа, а учениците полесно ќе можат да го надградуваат своето знаење, истакна Ристовски.

Во плановите на Министерството за образование и наука е и изградба на спортска сала во состав на ова училиште, коешто го посетуваат околу 200 ученици.

Покрај посетата на Скудриње, Ристовски оствари средби и со жителите на Ростуше и на неколку околни населени места.

Во општината Маврово-Ростуше досега се инвестирани 7,3 милиони денари во надградба, реконструкција и санација на три училишни објекти.