УДБА од Голи оток заработувала милиони

Со децении наназад во Југославија се ширела приказната дека во логорот на Голи оток се дробел камен. Денес се покажува дека тоа воопшто не било така. Комунистичкиот режим во времето на Студената војна го претворил логорот во исплатлив економски проект што на поранешна Југославија и’ носел значаен прилив на девизи, пишува хрватскиот портал Експрес.хр.

Исто така, генералот Јово Капиќ не бил шеф на Голи оток како што претходно се тврдеше, туку само три пати го посетил како помошник на Ранковиќ.

Историчарот Мартин Превишиќ од Филозофскиот факултет во Загреб оваа есен ќе ја објави книгата за повеќегодишните истражувања во Хрватскиот државен архив во Загреб и од Архивот на Југославија во Белград.

Заедно со стотиците документи за Информбирото и Голи Оток, како и со досиејата на логорашите, Превишиќ собрал и сведоштва на 40-тина затвореници, како и од неколку високи службеници на УДБА.

Голи оток
Голи оток

Јово Капичиќ, првоборецот на НОБ од Црна Гора, по дипломатите велеше дека четири години по војната меѓу комунистите неможело да има компромиси. Слично говореше и во документарецот на Дарко Бавољак. Со резолуцијата на Информбирото од 1948-та во Букурешт, Јосип Броз Тито беше обвинет дека се наклонува кон империјалистичките сили.

Ги повикаа народите на Југославија да срушат режимот на Тито и слугите на империјализмот. И кога некој таков ќе дојде на село и ќе почне да говори за големата Русија и ќе бара да се насочат кон Сталин… Што можевме да направиме? Па ние чекавме војна, објасни Капичиќ.  Стигна наредба од секретарот за внатрешни работи Александар Ранковиќ. Ми се јави: Јово имаш една работа, земи неколку луѓе, еден геолог и оди во Далмација. Има едно островче што се вика Голи оток, опишува во филмот.

За периодот од 1948-та до 1956-тата Превишиќ открил дека низ Голи оток поминале 13.000 затвореници што не се прилагодиле на партиската лојалност.

Таму умреле околу 300 лица, а најмногу од епидемија на тифус во 1951 – та. Заедно со логорите на островите Свети Гргур и Углјан, Билеќи, Столец и Рамски Р’т, понатаму во затворите во Пожаревац и Стара Градишка, Превишиќ дошол до бројот од 15.377 затвореници и 399 починати. Тој нашол и практичен аргумент за потврда на тие бројки:

Со оглед на тоа дека во бараките живееле по 250 лица, тоа значи дека на Голи Оток можело максимално да има 4.300 луѓе, како и што се случило во летото 1951, вели тој.

По 1956-тата логорите се претвориле во обичен затвор. Следниот мит што Превишиќ го соборил е дека таму заробениците само кршеле камења. Но, самиот режим не бил толку непрактичен и логорскиот систем бил дизајниран како сосема профитабилен бизнис. УДБА основала низа работилници и индустриски погони каде затворениците произведувале мебел, табакери, муштикли и слични производи.

Оние подоверливите затвореници на Велебит сечеле стебла и со жичница ги превезувале до брегот, а потоа со бродови до стругарата на осторвот каде дрвото било преработувано, а потоа се праќало во Италија.

За производството на песок, исто така за Италија, имале голема дробилица за камен. Во бродоградилиштето ги поправале малите бродови и изработувале различни челични конструкции, а по 1953-тата година отпочнале и со призводство на терацо плочки.

Тие кршеле камења, но само додека ги присилувале на ревидирање на политичките ставови. Логорашите цело време заработувале за државата, што воопшто не е чудно. Во времето на конфликтот помеѓу Тито и Сталин Југославија била во изолација од Исток, а едно време од Запад. Немало девизи и некој требало да ги заработува. Сите работи се одвивале преку претпријатието „Мермер“ на УДБА, кој што преку подруѓницата во Река, каде што дури постоел и салон на УДБА се организирал легален шверц на камен, дрво и мебел од Југославија во Италија. Само на дрвото во едно полугодие заработиле околу 700.000 денешни долари, истакнува Превишич и додава дека голем број логораши се сеќаваат како на Голи оток во времето на изолацијата доаѓале голем број италијански бродови во кои тие ставале дрво, ситен камен и друг материјал, а потоа сето тоа го носеле во Италија.