УГД стана член на Асоцијација на Европски Универзитети

Кон крајот на јануари, Советот на Европската асоцијација на универзитети (ЕУА) донесе одлука Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип да добие членство во оваа организација. Оваа е големо достигнување за меѓународната репутација и препознатливост на Универзитетот.

Со добивањето на членството во оваа меѓународна организација, на Универзитетот „Гоце Делчев“ му се отвораат вратите кон сите информации поврзани со европското високо образование и соработката со европските универзитети.

Со потпишувањето на членството УГД ќе добие пристап до базата на ЕУА и ќе има можност за соработка на научни проекти со универзитетите од организацијата. Со 850 универзитети од 47 држави ЕУА е најголемата и најсеопфатната организација која ги претставува универзитетите во Европа.

Оваа организација опфаќа 17 милиони студенти од сите членки, меѓу кои сега и студентите од УГД. ЕУА го застапува интересот на европските универзитети и ги обединува во една заедничка цел, а тоа е подобро и поквалитетно високо образование во Европа. ЕУА, исто така, влијае и на промените на високото образование на глобално ниво, на менување на политиките на образование и приспособување на модерните трендови.