Угостители нелегално продавале домашна ракија и узо

Околу 90 литри домашна ракија и три литри узо без бандероли и со сомнителен квалитет задржа Царината привремено од три правни и едно физичко лице во Скопје и во Тетово. Кај нив се утврдени неправилности при продажба во текот на контролата изминатите два дена.

Според соопштението од Царинската управа, во угостителски објект во Тетово е утврдена нелегална продажба на жестоки пијалоци и се одземени околу четири литри ракија и узо, а при контрола на локал во сопственост на физичко лице се откриени и одземени 74 литри домашна ракија.

На територијата на Скопје, пак, во два угостителски објекта се откриени неправилности во поглед на акцизното работење и се одземени 13,5 литри домашна ракија и две литри узо.

Против прекршителите Царинската управа презема соодветни мерки и најавува дека акциите за откривање нелегална продажба на акцизна стока ќе продолжат и понатаму.

– Контролите се спроведуваат со цел да се обезбедат основните принципи за фер конкурентност, правилна наплата на буџетски приходи, но, пред се, да се заштити здравјето на луѓето. Сите привремено задржани алкохолни пијалоци воопшто не биле означени со контролни марки, ниту поседувале каков било сертификат за квалитет, а се нуделе на продажба, се вели во соопштението.