Угриновски: Реализиравме 80 отсто ветените проекти

Во изминатиов осуммесечен период реализирав околу 80 отсто од ветените проекти во мојата предизборна програма, како и проекти кои не беа дел од програмата, благодарение на Владата на Република Македонија и претседателот Никола Груевски, вели градоначалникот на општина Вевчани, Цветомир Угриновски давајќи отчет за сработеноте од изборот на функцијата.

„На 1 септември 2013 пуштена е во употреба новата училишна зграда, а инвестицијата е на Владата на Република Македонија, преку Министерството за образование и наука, во вредност од 65.000.000 денари. Новиот објект, со карактеристична вевчанска архитектура, зафаќа 2.450 квадратни метри и има капацитет за сместување на повеќе од 300 ученици во една смена. Располага со 18 училници и кабинети, придружни простории, канцеларии, високосовремена кујна, како и сопствено парно греење. Набавена е нова училишна опрема за новата училишна зграда во вредност од 3.000.000 денари, донација на Владата на РМ преку АД МЕПСО. Изграден е нов пристапен пат до новата училишна зграда на ОУ „Страшо Пинџур“ –  Вевчани со финансиска поддршка како грант од Светската банка, преку Министерството за финансии, во вредност од 1.200.000 денари“, вели Угриновски издвојувајќи дел од сработените проекти.