УХМР доби автоматска метеоролошка станица

Управата за хидрометеоролошки работи, со пуштање во употреба современа автоматска метеоролошка станица, го одбележа Светскиот ден на метеорологијата – 23 март.

Директорот на УХМР Оливер Ромески информира дека со новата автоматска метеоролошка станица ќе има 99 проценти точни мерења, а набавена е со средства од Град Скопје. Ова ќе биде 13-та ваква станица во Македонија, досега има во Битола, Охрид, Карпош,…

Потсетувајќи на новото лого на УХМР, „Секогаш пред времето“, Ромески даде отчет за сработеното во изминатите пет месеци од кога е на оваа позиција. Според него, во тек е постапка за изработка на нова современа веб страница на УХМР, реновирање на автоматските метеоролошки станици, кои се користат во интегрираниот систем за превенција и рано предупредување за шумски пожари, почнување постапка за поправка на радарските системи во Тополчани и Ѓуриште и набавка на современа сателитска антена за зголемување на резолуцијата на продуктите од Европскиот сателитски центар.

– Сега имаме антена висока еден метар, а ќе набавиме од 2,4 метри. Со тоа ќе имаме целосна слика за поплавите и пожарите најдоцна шест часа од елементарната непогода, истакна Ромески.

Како што информира раководителот на секторот за метеорологија Нина Алексовска, станицата е во согласност со стандардите и препораките на Светската метеоролошка организација.

– Опремена е со поголем број сензори, како што е сензорот за мерење на темературата и релативната влажност на воздухот, атмосферскиот притисок, правец и брзина на ветерот, сончевото зрачење и мерење на количеството на врнежи. Податоците се регистрираат континуирано и се поврзани со серверот во УХМР, каде се внесуваат во базата на метеоролошки податоци, појасни Алексовска.

Со изработка на новата веб страница, според неа, граѓаните ќе имаат достапност на сите измерени податоци од станицата.

фото: МИА

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.