Економија

УЈП до земјоделците: До 31-ви декември поднесете барања за паушално оданочување

УЈП до земјоделците: До 31-ви декември поднесете барања за паушално оданочување

Управата за јавни приходи апелира до земјоделците чиј приход во текот на оваа година не надмина 1,3 милиони денари, да поднесат барање за паушално плаќање на данок на доход.

Паушалното оданочување можете да го користат земјоделците, порачуваат од УЈП; без разлика дали земјоделието претставува нивна основна дејност или истата ја вршат како дополнително занимање.

Земјоделците можат да изберат едноставно решение, кое што го олеснува финансиското работење на земјоделците и овозможува да го плаќаат персоналниот данок на доход еднаш во годината, без никакви дополнителни обврски за водење на деловни книги.

Доколку земјоделецот не е регистриран во УЈП како даночен обврзник кој остварува приходи од земјоделска дејност, најдоцна до 31-ви декември 2013 година до даночната канцеларија на УЈП или по електронски пат треба да поднесе пријава за регистрација на обврзниците кои остваруваат приходи од земјоделска дејност (образец “УЈП-РДО/З“), барање за паушално оданочување на остварени приходи од земјоделска дејност (образец “ПДД-ПЗ“).

Ако земјоделецот веќе е регистриран во УЈП како обврзник кој остварува приходи од земјоделска дејност, потребнно е да поднесе само Барање за паушално оданочување на остварени приходи од земјоделска дејност (образец “ПДД-ПЗ“).

Основа за пресметување на данокот претставува разликата помеѓу остварениот вкупен приход (во приходот не се вклучени примените субвенции) и признатите трошоци.

Државата го стимулира земјоделието, па оттука за земјоделците кои ги исполнуваат условите за паушално оданочување се предвидени низа даночни поволности, како што се целосно ослободување од плаќање на данок на доход, доколку приходот во 2013 година изнесува до 300.000 денари, од вршење на основна земјоделска дејност, доколку приходите кои се остварени од основна земјоделска дејност се движат над 300.000 денари до 1.300.000 денари, предвидени се даночни олеснувања во висина од 80 отсто од остварениот приход, односно ќе се плати данок само на 20 отстоод остварените приходи. Доколку земјоделецот врши земјоделска дејност како дополнително занимање, предвидени се даночни олеснувања во висина од 80 отсто од остварениот приход, односно ќе платите данок само на 20 отсто од остварените приходи и ослободување од плаќање на данок на доход за субвенциите кои ги доделила државата.