Македонија,Економија

УЈП: Фирмите да се прилагодат за електронско пријавување на даноци

УЈП: Фирмите да се прилагодат за електронско пријавување на даноци

Согласно Предлог измените и дополнувањата на Законот за даночна постапка, кој е во завршна фаза во собраниска процедура,  се предвидува нова законска обврска со која даночните обврзници задолжително ќе ги доставуваат даночниот биланс и извештаи пропишани со Законот за персоналниот данок на доход по електронски пат до Управата за јавни приходи. 

Од таа причина, од УЈП препорачуваат уште отсега фирмите да се прилагодат и да ги користат придобивките од електронската комуникација и поднесувањето на даночни пријави и други обрасци до УЈП преку системот за е-Даноци.

Постапката на регистрација кон новиот систем на е-Даноци се врши преку веб страницата https://etax-fl.ujp.gov.mk/. За успешна регистрација и користење на е-Даноци потребен е дигитален сертификат зачуван на сигурносен уред токен (издаден од овластена куќа: Македонски Телеком или КИБС) – за лицето кое од фирмата е овластено за електронско пополнување/потпишување на даночни пријави и други поднесоци по електронски пат. Доколку веќе поседувате токен за користење на електронски услуги на други институции и банки во Македонија, истиот можете да го користите и за е-Даноци, но само доколку истиот е издаден од овластена куќа. За ова е потребна и минимална интернет конекција со брзина 64 kbps и некој од следните пребарувачи Internet Explorer 8, Mozilla Firefox или Google Chrome и е-Пошта – пријавена во Централен регистар на Македонија, како единствена и неповторлива, а неопходна за воспоставување на двонасочна електронска комуникација помеѓу УЈП и даночниот обврзник.

Електронските даночни услуги, овозможуваат да се намали времето и трошоците потребни за поднесување на даночните формулари; во секој момент да имате увид за состојбата на даночните плаќања и долговите евидентирани во УЈП…и најважно да се запазат законските рокови за пријавување на данок преку користење на електронскиот систем кој ви е на располагање on-line 24 /7. Електронските даночни услуги овозможуваат висок степен на безбедност и сигурност на личните и деловните податоци на даночниот обврзник.