УЈП отвори нов шалтер за радиодифузна такса во зградата на МРТ

Управата за јавни приходи денеска соопшти дека со цел подобрување на услугите кон обврзниците на радиодифузна такса започна да функционира специјализиран шалтер за давање на услуги поврзани со РДТ, лоциран на приземјето во зградата на Македонската радиотелевизија.

Од Управата посочуваат дека со отворањето на овој шалтер, кој почнал да финкционира од 23 март, граѓаните и фирмите ќе можат на една локација да ги користат услугите за РДТ на двете институции, на УЈП надлежна за утврдување и наплата на радиодифузната такса и на ЈП Македонска радиотелевизија (МРТ) надлежна за исправка и ажурирање на адресни и матични податоци на обврзник за радиодифузна такса.

– Целта на отворањето на Даночниот шалтер за РДТ, кој ќе работи секој ден од 08.30 до 18.00 и во саботите од 08.30 до 14.00 часот, е побрзо и поефикасно постапување по барањата и разрешување на состојбите со кои се соочуваат обврзниците на радиодифузна такса, како на пример издавање на копија од решение за РДТ (изгубено или непримено решение), доставување докази од обврзниците за извршени уплати со цел прекнижување, затворање на заостанатите долгови во решенијата или опомените кои им ги доставила УЈП, издавање на аналитичка картица и други услуги и информации поврзани со евиденцијата на РДТ, плаќањето и постапките за наплата кои ги спроведува УЈП, стои во соопштението од Управата за јавни приходи.