УЈП: Пресметките на хонорарите нема врска со пресметувањето на придонеси

Роковите за исплата на хонорарите не се поврзани со роковите за поднесување на пресметките за придонесите до УЈП. Тоа значи дека исплатата на хонорарот треба да се извршува согласно роковите кои меѓусебно ги договориле фирмата-исплатувач и хонорарецот, а кои рокови се наведени во склучениот договор за дело и/или авторски договор или друг договор со кој се определува надоместокот за извршената работа, информираат од Управата за јавни приходи.

Управата за јавни приходи во петокот објави јасни Насоки за пресметка и уплата на придонеси по основ на приходи од договори за дело, авторски договори и други договори.

Имено, пресметки за придонесите се доставуваат до УЈП најдоцна до 10-ти во месецот за претходниот месец, а законскиот рок за уплатата на придонесите е 15-ти во месецот за претходниот месец.

-Она што би го потенцирале е дека пресметките за придонесите до УЈП се доставуваат од страна на фирмите-исплатувачи на хонорарот или од страна на ФПИОМ. Фирмите-исплатувачи ги доставуваат пресметките и вршат уплата на придонесите во случај кога лицото има ЕДЕН ДОГОВОР со кој остварува приход кој во нето износ е повисок од износот на минималната плата, се вели во соопштението од УЈП.

Кога пак едно лице има ПОВЕЌЕ ДОГОВОРИ со кои остварува приходи кои во нето износ се повисоки од износот на минималната плата, тогаш е потребно лицето да ги достави договорите до ФПИОМ. Врз основа на договорите, ФПИОМ ја изготвува и доставува пресметката за придонесите до УЈП, а УЈП повратно до Фондот издава декларација за плаќање на придонесите. Понатаму, ФПИОМ ја доставува декларацијата до лицето-хонорарецот кој има обврска да ги уплати придонесите.