Крими хроника

Укинат притворот на новинарот Зоран Божиновски

Укинат притворот на новинарот Зоран Божиновски

Основниот суд Скопје 1 – Скопје соопшти во петокот дека ја укинал мерката притвор и ја заменува со мерка претпазливост кој предвидува редовно јавување во судот во Куманово, за новинарот Зоран Божиновски, кој три години мина во притвор по обвинување во случајот „Шпион“.

„Постапувајќи по предлог на jавниот обвинител за укинување на мерката притвор за обвинетиот З.Б., обвинет во предметот со КОК бр. 79/16, судечкиот судија на денешниот главен претрес донесе одлука со која предлогот на обвинителот се уважува и мерката притвор се укинува, а во согласност со предлогот се определуваат превентивни мерки за обезбедување присуство на обвинетиот во текот на постапката. Против ова решение, дозволено е право на жалба во рок од 3 дена“, се наведува во соопштението на Кривичниот суд до медиумите

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) на својот профил на Twitter истовремено објави дека Божиновски уште во петок треба да излезе од притвор, нагласувајќи дека мерката притвор е заменета со мерка на претпазливост.

„Со ваквата одлука на Основниот суд Скопје 1 – Скопје, Македонија излегува од срамната листа на земји каде што има новинари во затвор“, потенцираат од ЗНМ кој неколкупати бараше укинување на притворот за него.

Божиновски е обвинет во случајот „Шпион“ и се товари за злосторничко здружување, шпионажа и уцена. Истрагата за него беше запрена поради неговата недостапност сè до април, 2016 година кога е екстрадиран од Србија во Македонија.