Укината е царината за производ што го користи фирмата на Анѓушев

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев ја злоупотребува државната функција на секој можен начин. Владата вчера ја укина царината за увоз на електрични литиум – јонски акумулатори кои ги користи само фирмата „Брако“ која е во сопственост на Кочо Анѓушев, и која овие батерии треба да ги вгради во моторни возила за специјална намена – чистење на улици и патишта со електричен погон. „Брако“ треба да произведе 35 вакви возила, а на овој начин Вицепремиерот, дополнително ќе си го зголеми личното богатство за неколку милиони евра, пишува порталот Економски.

-Од царинските давачки за овие акумулатори ќе бидат ослободени само производителите на машини и други производители кои користат вакви батерии, а нема да бидат ослободени трговци кои понатаму би ги препродавале, соопштија од Владата.

Може да се заклучи дека Анѓушев е единственото лице, како правен субјект, кое ќе има бенефит од укинување на оваа давачка, бидејќи само неговата фирма користи вакви батерии, а притоа не се јавува како препродавач, што значи дека законот е прецизно утврден како би ја опфатил неговата фирма, иако всушност станува збор за уште еден класичен пример на конфликт на интереси, односно, злоупотребување на службената функција, исто како што имаше и во случајот хидроелектрани „Тополка“ и во случајот со фамозниот тендер на ЕЛЕМ, во кој Анѓушев јавно призна дека управителите во неговите фирми се само статисти, а тој е оној кој одлучува за бизнис зделките на неговите фирми, пишува порталот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.