Укината забраната за камиони и автобуси на Шапка, воведена Македонски Брод-Прилеп

Забраната за движење тешки товарни возила и автобуси е укината на патниот правец Тетово-Попова Шапка.

Поради остатоци од снег на коловозoт, забрана за движење на тешки товарни возила се уште има на патниот правец крак Маврово – Дебар, а забрана за сообраќај на тешки товарни возила е воведена и на патниот правец Македонски Брод – Прилеп поради оштетување на дел од мостот на Слатинска Река.

Според информациите добиени во АМСМ од Ј.П. Македонија пат, сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози, на места со остатоци од кашест снег. Врнежи од снег со среден интензитет има низ цела Македонија.

АМСМ препорачува внимателно возење, прилагодена брзина на движење и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, Кочани – Делчево, Виница – Берово каде е можна почеста појава на одрони.