Укинувањето на притворот на Талевски доказ дека постапките на СЈО се беспредметни, неосновани и политички мотивирани

Апелацискиот суд Скопје вчера попладне достави решение со кое жалбата на осомничениот Владимир Талески, кој е дел од предметот на Специјалното Јавно Обвинителство познат во јавноста како „Транспортер“, се уважува, а решението на Кривичниот совет на Одделението за организиран криминал и корупција при Основен суд Скопје 1 – Скопје се преиначува и со тоа мерката куќен притвор се укинува.

На битолскиот градоначалник му беше одреден куќен притвор на 16 јуни, годинава, а потоа истиот по барање на СЈО беше продолжен до 21 јули. Од СЈО, пак, во петокот до Основниот суд Скопје 1 доставиле предлог за продолжување на домашниот притвор на Талески, но судот донесе одлука да ја уважи жалбата на Талески и да ја укине мерката домашен притвор.

Против осомничениот, како што се наведува во соопштението од судот, се определува мерка на претпазливост, обврска тој да се јавува секој работен понеделник и работен петок кај овластено службено лице во Основниот суд во Битола.

Познавачите велат дека тоа што Апелациониот суд со решение ја уважил жалбата на осомничениот градоначалник Талески во предметот на СЈО познат како „Транспортер“ е доказ дека барањата кои ова обвинителство ги покренува се неиздржани, неосновани и политички мотивирани.

„Според мене, притворот е основано укинат бидејќи немало и нема основи за притвор. Судот донесе правилна одлука и се повеќе се докажува дека овие барања за притвор што ги поднесува СЈО се беспредметни и неосновани. Зачудува леснотијата со која СЈО поднесува вакви барања за определување на притвори, посочува за НетПрес универзитетскиот професор Александар Климовски, според кого по ова останува дилемата кој и како во СЈО ќе поднесе одговорност за ваквите, како што вели, аматерски и непоткрепени со докази барања за притвор.

Тој доополнува дека фактот што истражните постапки на ова обвинителство се насочени само кон функционери од една политичка партија, ја докажува пристрасноста на оваа институција.

„Со ова по којзнае кој пат се покажа дека барањата кои ги поднесува СЈО за притвори се неиздржани и неосновани. Фактот што истите се насочени исклучиво кон функционери на една политичка партија само ја докажува пристрасноста и субјективноста на овој параорган во нашиот правосуден систем“, додава Климовски.

Според професорот Александар Даштевски, одлуката за укинување на мерата куќен притвор докажува дека СЈО покренува што е можно повеќе истражни дејствија само за да може да успее барем во некоја од политички мотивираните постапки.

„Според мене поинтересно прашање е што се постигна со притворот и како ќ се оправда истиот, бидејќи евидентно е дека не ни требало да ни да биде определен, вели во изјава за Нет Прес, професорот Александар Даштевски.

Циркусот на СЈО, вели тој, преминува во пародија. На целата јавност, како што изјавува, веќе и’ е јасно дека СЈО ниту ќе води, ниту ќе заврши некаква постапка.

„По цела една година ова обвинителство покрена два обвинителни предлози и ниту еден обвинителен акт, од кои едниот повторно за опремата наречен „Тврдина“, иако веќе се докажа дека во тој случај нема дело и еден за три скршени прозори во вредност од 1200 денари на протести во општина Центар, што е огромна несериозност. СЈО се занимава со споредни дејствија кои не се ни во негова надлежност. Работите станаа јасни за секој граганин и јасно е дека оваа институција ќе прерасне во најголем срам за државата од осамостојувањето до денес. Ова е уште еден доказ дека не може вештачки на и на сила да се постигнат политички поени. Тоа не се прави со вештачки институции, туку со поддршка од народот“, потенцира Даштевски.

По последната јавна седница на која Апелациониот суд ја разгледуваше жалба на битолскиот градоначалник Владимир Талевски за укинување на мерката домашен притвор, тој изјави дека никогаш не работел незаконски и дека не направил кривично дело.

„Немаме сторено никаков кривичен прекршок и апсолутно се чувствуваме супериорно затоа што вистината е на наша страна. Јас сум убеден дека овие луѓе во Апелација ќе ја согледаат вистината и ќе донесат правилна мерка. Ценам дека сето ова почнува да добива еден расплет. Јас сум сигурен дека граѓаните ќе видат дека целата ситуација е наместена“, посочи тогаш Талески.

Владимир Талески е првоосомничен во случајот „Транспортер“, во кој СЈО го товари за злоупотреби со превозот на ученици во Битола, тежок 360.000 евра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.