Украдено оружје од белградскиот аеродром наменето за извоз

Два сандака со оружје биле украдени од магацинот на белградскиот аеродром “Никола Тесла”. Во нив имало 20 автомати „Скорпион”, кои биле наменети за извоз, а исчезнале од нецаринската просторија во која се наоѓале околу 2.000 парчиња оружје, пишува Курир.рс.

Оружјето од април, стоело во аеродромскиот магацин, а компанијата „Југоимпорт СДПР” имала намера да го продаде на засега непознат купувач, кој во меѓувреме се откажал. Оружјето требало да му биде вратено на испраќачот вчера, кога околу 19 часот било откриено дека недостасуваат два сандака.

„Во зградата на царинскиот магацин било констатирано дека од две, од вкупно осум палети, недостасува по еден сандак со оружје. Оружјето кон крајот на март требало да му биде пратено на купувачот преку “Turkish Airlines”, но пратката била одложена, по што оружјето било донесено во магацинот”, рекол изворот за Курир
.

Полицијата веднаш била известена за исчезнувањето, а увид направиле второто и осмото одделение на полицијата во присуство на обвинител. Биле забележани броевите на оружјето кое недостасува, а се очекува во истрагата да помогнат снимките од сигурносните камери.

Од белградскиот аеродром не ја коментирале случката и за сите информации насочувале кон полицијата.

“Од магацинот на аеродромот “Никола Тесла” во Белград исчезнало одредено количество на автоматско оружје. Исчезнало од магацинот во нецаринскиот простор, а било наменето за извоз”, кратко кажале од Министерството за внатрешни работи.

„Скорпион” е чешки автоматски пиштол, кој по лиценца го произведувала и крагуевска “Застава”, и тој модел бил наречен автоматски пиштол 7,65мм M84. Наменет е за уништување на непријателот во блиска борба, а малите димензии го прават погоден за екипажот во борбените возила, борби во населени места и скришно носење на специјални задачи. Масовно бил користен во борбите во поранешна Југославија, а на јавноста и’ е најпознат како оружје со кое се извршени голем број убиства на улиците на српските градови. “Скорпионот” поради малите димензии често го користат и терористичките групи ширум светот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.