Украина добива преодна влада

Украинскиот парламент денеска би требало да именува премиер и преодна влада додека земјите од Западот ја разгледуваат помошта на Украина која е на раб на банкрот.

Новиот вршител на должност претседател Олександер Турчинов треба да формира влада само неколку дена откако од власт е симнат претседателот Виктор Јанукович.

Во оваа земја веќе започна и кампањата за претседателските избори закажани за 25-ти мај.

Украинската Централна изборна комисија утрово го објавила календарот на избори според кои кандидатите можат да се регистрираат до четврти април.

За тоа време трае битката околу влијанието над Украина, меѓу Русија, која се заканува дека ќе ја повлече поддршката на Украина и го оспорува легитимитетот на преодната проевропска власт, и ЕУ која сака да ја врати Украина на „својата патека“.

Русија денеска би можела да го прецизира својот став на предвидената конференција за печат на министерот за надворешни работи Сергеј Лавров. Москва вчера го оспори легитимитетот на „диктаторските мерки“ на украинските власти кои се завртеа кон Западот за итна финансиска помош и издале налог за апсење на поранешниот проруски претседател Јанукович.