Украина го отфрли предлогот на Москва за намалување на цената на гасот

Украина го отфрли предлогот на Москва цената која ја плаќа Киев за рускиот природен гас да ја намали за 100 долари, изјави денес украинскиот премиер, Арсениј Јацењук.

При информирањето на својот кабинет за преговорите за цената на гасот со Москва, Јацењук навел дека Украина сака измена во договорите меѓу домашната енергетска компанија „Нафтогас“ и рускиот производител „Гаспром“, додавајќи дека Киев треба да плаќа пазарна цена за гасот, пренесува „Ројтерс“.

Москва предложила укинување на извозните царини од 100 долари за 1000 кубни метри гас, воведени откако Крим се припои кон Русија.

„Русија ни понуди намалување на цената на гасот од 100 долари. Нашиот став останува ист: сакаме измена на договорот и пазарна цена на гасот“, рекол Јацењук.

Украина сака измена на договорот од 2009 година,според кој е обврзана да купи одредена количина на гас, без оглед на тоа дали гасот и е потребен, по цена од 485 долари за 1000 кубни метри што е највисока цена која ја плаќа било кој купец од Европа.

Гаспром денеска порача дека рокот на Украина за отпочнување на плаќањето на гасот ќе го помести нанапред до следниот понеделник, заканувајќи се дека во спротивно ќе го „затвори вентилот“.

Доколку Москва ја прекине испораката на гас за Киев, во проблем би можеле да се најдат и земјите од ЕУ, кои дел од рускиот гас го добиваат преку гасоводот кој поминаува низ Украина.