Украина му забрани влез на актерот Стивен Сегал бидејќи е „национална закана“

Украина му го забрани влезот во земјата на американскиот актер и мајстор на боречките вештини Стивен Сегал во следните пет години, бидејќи, како што е образложено, претставува закана за националната безбедност, пренесуваат агенциите.

Шеесет и петгодишниот Стивен Сегал, кому претседателот Путин му го потпиша руското државјанство во ноември минатата 2016 година, јавно го поддржа присоединувањето на црноморскиот полуостров Крим преку референдумот во март 2014 година, што властите во Киев и Западот го сметаат за нелегално руско анектирање на украинска територија.

Руско државјанство Путин им го потпиша руското државјанство и на повеќе актерски, музички и спортски западни ѕвезди, меѓу кои и на францускиот актер Жерар Депардје и светскиот боксерски шампион, кои исто така ги оправдуваат политиките на Москва.

Актерот Стивен Сегал, една од низата американски ѕвезди приврзани на Русија, ја доби во септември 2015 година својата ѕвезда на Московската алеја на славните, кога вети дека ќе се ангажира во заштитата на далекуисточните леопарди и раскажа дека Американците „ја сакаат“ Русија.

Неговата е 19-та ѕвезда на Московската алеја на славните, во која вакво обележје имаат и други славни Американци, како Бредли Купер, Роберт Дениро, Мила Јовович, Карлос Сантана, Глорија Гејнор, Антонио Бандерас, Доналд Трамп, Џон Кузак и други.

Ѕвездата на холивудските акциони филмови тврди дека потекнува од руско и монголско потекло, а неколкупати патуваше во Владивосток, на рускиот далечен исток, од каде што потекнувала неговата баба, наводно од руско-монголско потекло.

Сегал последните години често гостува во Русија, каде во регионот Јакутија е во потрага по своите корени. Пријател е со рускиот претседател Владимир Путин, кого го нарече „брат“ и еден од „најголемите живи светски лидери“. Во текот на своит посети тој се задржува и на руско-амриканските односи, кои во последните години се на најниското ниво од крајот на Студената војна поради украинската криза и порачува дека Вашингтон и Москва мора да одржуваат добри односи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.