Украина: Полицаец ги освои срцата на демонстрантите

Украинската новинарка Лидија Панкив, која учествувала во протестите во Киев, не можела ниту да замисли дека на плоштадот на Независноста ќе го запознае човекот на својот живот.

И покрај фактот дека во бранот насилства настрадаа двајца нејзини пријатели, Лидија не сакала да се повлече од улиците на украинската престолнина.

Таа се нашла меѓу жените кои поставиле жив штит меѓу полицијата и останатите демонстранти, со надеж да го спречат насилството.

„Стоевме близу до полицијата кога една пријателка ме замоли да и’ помогнам да го пронајде нејзиниот пријател. И’ реков подоцна да ме повика преку телефон и затоа и’ го издиктирав бројот, викајќи на целиот глас поради метежот“, раскажала Лидија.

Во следниот момент на нејзиниот мобилен пристигнала порака од непознат број која гласела: „Сакам да се ожениш со мене, Андреј“.

Веднаш сфатила дека пораката е од еден полицаец кој стоел спроти нејзе.

Андреј, кој се плаши од отказ па затоа не го открил своето презиме, бил импресиониран од храброста на новинарката.

„Мислам дека можам да го убедам дека е на погрешна страна. Не очекував дека ќе се вљубам во него, но кога почнав да зборувам со него, се случи токму тоа“, додава новинарката.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.