Украина: Постигнат договор за повлекување на тешкото вооружување

Двете страни во укранскиот конфликт се согласиле на повлекување на тешкото вооружување од првата линија на фронтот.

Украинскиот генерал Александар Розмазнин, за француските медиуми изјавил дека „се потпишани документите за почеток на повлекувањето на тешкото вооружување долж првата линија на фронтот“.

Тој потенцирал дека е прерано да се каже кога ќе почне повлекувањето на оружјето.

Украинските медиуми шпекулираат дека до тоа може да дојде веќе во текот на денешниот ден.

Во таа насока и рускиот генерал Александар Лентсов, член на украинско-рускиот Заеднички центар за контрола и соработка, задолжен за примената на прекинот на огнот на истокот од Украина, изјавил дека проруските сили се согласиле да го повлечат тешкото вооружување.

-Го одредивме 22 февруари за клучен ден, така што од денеска во следните 14 дена ќе ја реализираме одредбата од мировниот договор за повлекување на тешкото вооружување, изјавил тој.

Претставниците на Киев и проруските сили синоќа  разменија вкупно 191 заробеници, што беше клучен дел од минатонеделниот мировен договор од Минск. Разменети се 139 украински војници за 52 проруски борци.

Ова воедно е првиот чекор предвиден со договорот од Минска што успешно е извршен.