Спорт

Украина се провлече покрај Македонија и освои нови три бода

Украина се провлече покрај Македонија и освои нови три бода

Македонската фудбалска репрезентација го забележа и вториот пораз во групата, овој пат од Украина со резултат од 1:0.

Иако избраниците на Бошко Ѓуровски одиграа храбро, создадоа и неколку исклучително поволни шанси за погодок, сепак не успеаја да го совладаа расположениот украински голман Пјатов.

Украинците беа тие што на почетокот започнаа пожестоко, сепак Јаховиќ во 20-та минута беше тој што ја имаше првата вистинска прилика за погодок. Иако беше сам со противничкиот голман, не успеа да го совлада.

Потоа следеа обиди и на Адеми, Абдурахими и Ивановски, но сите завршија неуспешно. И според непишаното фудбалско правило, казната стигна. Во судиското надополнување од првиот дел Серхиј Сидорчук постигна гол и ги доведе Украинците во водство од 1:0.

Иако до крајот на средбата селекторот Ѓуровски фрли се на една карта, односно играше во тројца напаѓачи, сепак ни тоа не донесе резултат, бидејќи Пјатов успеа да ја сочува украинската мрежа.

Покрај натпревар Украина – Македонија 1:0, во рамките од групата „Ц„ се одиграа натпреварите Луксембург – Шпанија 0:4 и Белорусија – Словачка 1:3.

Табела: Словачка 9 бодови, Шпанија 6, Украина 6, Македонија 3, Луксембург 1, Белорусија 0.