Колумни

УКРАИНА

УКРАИНА

Нова поделба и борба за доминација помеѓу големите сили на Истокот и Западот се случува пред нашите очи. И нашите камери. Војните за поделба на современиот свет се водеа во Виетнам, Кореја, па се до Авганистан… за да се преселат на Блискиот Исток: Египет, Иран, Ирак, Либија, Сирија… Во Европа почнаа на Балканот: Босна, Хрватска, Косово, Македонија… се приближија кон својата крајна европска цел, Русија.

Ваквите војни се водат за пари и моќ. Отсекогаш било така. Русија е стабилна и силна, најголем извозник на нафта и гас во светот, и најголем сојузник на моќната Кина. Доволна причина да се смета за опасност по интересите на Брисел и Вашингтон. На скапите американски војски и јаловата европска администрација секој нов фронт им обезбедува продолжување на опстанокот и нови пари од буџетот.

Настаните во Украина се исклучително важни за нас, за Балканот.
Украина е прататковина на Словените, на кои им припаѓаме и ние, Македонците. Украина е еден од најголемите пријатели на македонската држава и нација последниве децении. Во војната 2001 Украина беше една од ретките пријатели кои отворено, по сите основи, застанаа зад интересите на македонската држава и безбедносните сили.

Падот на Украина, без сомневање, ќе има последици и врз македонската иднина. Без тој баланс на силите, и со украинска војна, Балканот ќе биде далеку од вниманието на светот, ставен во сенка ќе влезе во процес на исламизација, политичко маргинализирање на низа нации меѓу кои се Македонците, Србите, Бугарите и Црногорците.

Затоа, Балканот со внимание и немир гледа што се случува таму.
А што, навистина, се случува во Украина.

Украина е надвор од функција. Нема функционален парламент, нема функционална полиција, нема функционален претседател кој, според Уставот, ја има и најголемата одговорност во земјата. Државата ја водат параполициски единици вон институционална контрола, бунтовничка тројка опозиционери (Кличко, Јацењук, Тјагнибок) плус Јулија Тимошенко, која ослободена од затвор надвор од процедура, без потпис на претседателот – таа издава налози и без државна функција. Таква држава, не е држава.

Брисел и Вашингтон водат борба за превласт над Украина откако Путин застана на чело на Русија, и заведе ред и реформи. Држава која и ден-денес во американските филмови се прикажува како најголема опасност за Америте.

Уште од 2004 година, откако сегашниот претседател, а тогашниот премиер, Виктор Јанукович победи на тогашните претседателски избори. Западните фабрики за кризи ја креираа таканаречената Портокалова револуција, предводена од Виктор Јушченко и Јулија Тимошенко. Се демонстрираше заради изборна измама, уште пред да се објават резултатите, на избори кои тие ги загубија.

Шемата беше класична. Западните набљудувачи изразија сомневање, западните медиуми им даваат простор за изјави речиси исклучиво на демонстрантите, и на Јушченко и Јулија Тимошенко. Тие беа профилирани како добрите, а Јанукович како лошиот кој работи по диктат на олигарсите, на Москва и руските интереси. Мајсторите за пропаганда од Јулија Тимошенко, згодната плавуша со плетенки, направија легенда прифатлива за гледачите на западните телевизии, и гласачите на западните држави.

Изборите се повторија, и на нив победи Јушченко. Тој стана претседател, а Јулија Тимошенко премиер. Украина заглави во, дури и за нив, време на невидена корупција.
Познатиот аналитичар Вилијам Енгдал, тогаш изјави дека тие избори се надвор од интересите на Украина, дека е тоа борба помеѓу Буш и Путин. Како доказ тој ги цитираше наодите на Британската група за човекови права и на Хелсиншкиот комитет кои тврдеа дека многу повеќе измами со гласовите имало во купот на Јушченко и Јулија Тимошенко, отколку кај Јанукович, но дека западните медиуми свесно го игнорирале тоа.

И коментаторот на Гардијан, Ијан Трејнор, тие избори во Украина ги смета за менаџирани од Брисел и Вашингтон, и наведува дека е тоа модел кој преку американскиот амбасадор Ричард Мајлс е употребен 2000-та година на изборите во Србија, како и во Грузија кога, повторно амбасадорот Трејнор, менаџирал победа на Сакашвили против тогашниот грузиски претседател Шеварнадзе. Трејнор тврди дека во тие преврати и изборни менаџирања учествувале организациите на американскиот бизнисмен Сорос, Националната фондација на Демократите, Карнеги фондацијата и УСАИД. Американскиот конгресмен Рон Пол покрена и јавна расправа за легалноста на учеството и финансирањето на Тимошенко во Украина, но без конкретен резултат.
Јулија Тимошенко е, без двоумење, класичен источноевропски олигарх кој богатството го стекнала во сомнителни бизниси со руски гас. Во политиката влегува во 1996 како пратеник, а потоа во владата на Јушченко е заменик-министер за гас и нафта. Во 2001 добива отказ, бидејќи е фатена во царинска измама со рускиот гас за Украина. Уапсена е, но по два месеци пуштена на слобода без конкретно обвинение. Се смета дека е ослободена по силен притисок од Вашингтон, и дека оттогаш е нивни соработник. Нејзиниот соработник, поранешниот украински премиер Лазаренко, е условно осуден во САД заради перење пари и проневери од трговија со руски гас.
Откако во повторените избори Јушченко и Јулија Тимошенко победија, таа е ослободена од новите обвиненија за проневера заедно со нејзиниот сопруг Олександар.

Тимошенко потоа станува премиер. По смена на власта 2010 година, во мандат на сегашниот претседател Јанукович, во 2011, по низа претходни обвиненија и истраги, таа е конечно осудена на 7 години затвор заради проневери.

И, еве сме во сегашно време.
Три месеци наназад во Украина се организираат протести против претседателот Виктор Јанукович. Тимошенко дава налози од затвор, а протестите ги предводат светскиот боксерски шампион Виталиј Кличко, заедно со Аресин Јацењук и Олег Тјагнибок. Кличко е фаворит на Берлин и Брисел, а Јацењук фаворит на САД, односно Вашингтон.

Причина за протестите е нивната оценка дека претседателот Јанукович ја оддалечува Украина од Европа, а ја приближува кон Москва.

Вистината е дека Јанукович се бори за спас од стечај на сиромашната украинска економија, и држава. Побара помош од Европа и САД но, стандардно за нив, тие не му даваат пари туку само ветувања и рецепти за демократизација и реформи.

Русија излезе со конкретни мерки. Големо намалување на цената на гасот и нафтата за Украина, и откуп на нивните долгови за конкретни 15 милијарди долари. Ова е исклучително важно за Украина која половина од гасот и нафтата ја добива од Русија.

САД и Брисел не вадат пари од џеб за да влијаат на власта, или евентуално промена на власта во Украина. Без пари, особено без битни пари, за нив и промена на власта во Украина одработуваат украинските демонстранти и западните медиуми. Поевтино е да ги платиш нив, отколку да дадеш милијарди за помош на украинската држава.

Демонстрациите одеа релативно мирно, се до пред седум дена, кога станаа насилни токму кога Русија требаше да ја исплати траншата од 3 милијарди долари, и кога парамилициски групи од редовите на демонстрантите почнаа да пукаат врз полицијата, убивајќи уште првиот ден 10 полицајци. Наредниот ден полицијата употреби оружје против парамилицијата. Резултат: над 300 ранети и околу 100 мртви на двете страни. Дури 130 полицајци се ранети со огнено оружје.
Западните медиуми ја осудија полицијата. Парамилицијата меѓу демонстрантите, на снимките видно вооружена со снајпери и калаши, не беше критикувана.

Инцидентите се случуваа изолирано, народот на Украина остана по страна. Се пукаше и демонстрираше само во Киев, и тоа само во центарот на градот. Видна е намерата на параполицијата да предизвика антируско расположение, и вовлекување на Русија во престрелките. Се пукаше врз новинарите на руската телевизија РТ, како и во саботата врз руски туристички автобус. Русија, и Русите во Украина останаа мирни. Засега.

Дојде тројка од Европа да преговара. Примирјето се потпиша со спогодба. Освен тројката лидери на протестите, и претседателот Јанукович. Потписник е и полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски.

Зошто токму тој, кога Полска не е некој битен европски фактор. Затоа што Полска е отворено нај антируски расположена нација во Европа. Тоа е нова провокација за Москва.

Иако беше преговарач, рускиот дипломат Лукин не ја потпиша спогодбата.
Според Лукашенко, Јанукович паднал заради неодлучност и затоа што бил заложник на бизнис интересите на синот. Тој е неупотреблив, Москва бара нов човек.
Дали е тоа крај на немирите во Украина. Не. Москва чека да заврши Олимпијадата во Сочи. Вложија многу пари во тоа за промоција на Русија.

Украина има околу 30 проценти Руси, претежно во источниот, економски поразвиен дел кои го поддржуваат Јанукович. Јанукович замина од Киев, во источниот град Харков, и Истокот веќе се организира за отпор. Крим, доделен на Украина во време на советската власт на Украинецот Никита Хрушчов, со статус на Република и 2 милиони жители, најавува отцепување од Украина што беше поддржано и од Москва.

Лидерот на радикалните парамилиции, Андреј Поробиј од Самоодбрана, изјави дека не ја признаваат спогодбата со Јанукович. Јулија Тимошенко излезе од затвор. Ќе се појави криза на лидерство, и конфликт на интереси помеѓу неа, крајно амбициозна и радикална, и сегашните тројца опозициони лидери кои ги одработија протестите и превратот. Кличко е веќе заборавен. Тимошенко е лидер, а тројката е во сенка.

Разврската во Украина допрва следи. И не личи на арно.
За тоа време, главна вест на американските медиуми беше дека Обама загубил опклада, две гајби пиво, со канадскиот премиер затоа што американските хокеари загубиле на олимпијадата во Сочи од Канаѓаните. На кого се кладел Обама во Украина.

Пишува: Драган П. ЛАТАС за Вечер