Украинската опозиција започна формирање на независна власт во Киев

Од денес украинската опозиција започна формирањето на независна власт во Киев. Нејзините лидери би прифатиле преговори со власта, но само ако бидат веднаш казнети виновниците за насилството против мирните демонстранти, пренесуваат украинските медиуми.

Барањата на опозицијата се за ослободување на политичките затвореници, гонење на одговорните за крвавите настани на плоштадот, оставка на Владата и предвремени парламентарни избори, како и потпишувањето на спогодбата за асоцијација со Европската унија.

Лидерот на партијата „Слобода“, Олег Тјагнибок се обратил пред илјадниците собрани демонстранти на Плоштадот на независноста, дека опозицијата ќе создаде во Киев своја локална самоуправа.

„Тринаесет наши браќа беа осудени на два месеци затвор. Ние апелираме до меѓународната заедница да не поддржи, да го осуди крвопролевањето во Украина и да воведе персонални санкции против оние кои ги кршат човековите права, изјави Тјагнибок.

Утрово поголема група демонстранти повторно се обиде да ја блокира администрацијата на претседателот, но беше пречекана од густ полицискиот кордон и судирот беше избегнат.

Власта истакна дека е подготвена за дијалог, но претходно го отфрли, едното од главните барања на демонстрантите, за предвремени парламентарни и претседателски избори.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.