Украинската војска се повлече од аеродромот во Доњецк

Портпаролот на војската, Владислав Селезњов изјави дека украинската војска се повлекла од новиот аеродромски терминал во Доњецк, во источна Украина, каде со месеци се бореше против проруските сили.

– Вчера беше одлучено да се напушти територијата на терминалот заради прегрупирање, истакна Селезњов, говорејќи за главната аеродромска зграда, која од крајот на мај беше под контрола на владините сили.

Тој додаде дека вчера во судирите на аеродромот се убиени десет, а ранети се 16 украински војници.

Борбата за аеродромот ескалираше изминатиот викенд, нарушувајќи го примирјето, договорено на почетокот на декември.

МИА