Украински разузнавач убиен во Киев од подметната бомба

Укриански воен разузнавач е убиен во вторникот во Киев, од бомба поставена под неговиот автомобил, соопшти полицијата во украинскиот главен град.

Според полицијата, станува збор за Максим Шаповал, кој имал чин полковник. Неговите двајца сопатници се повредени, а возилото е уништено.

Нападот што полицијата го оквалификува како терористички, се случил додека утрово Шаповал се возел низ киевските улици.

Засега нема сознанија што би можел да биде мотивот за ваквото убиство на еден разузнавач, но полицијата инцидентот го поврзува со бунтот во источна Украина.

Во период од една година, тоа е трет таков случај во Киев. Пред помалку од една година, од подметната бомба беше убиен еден белоруски новинар, кој пребегна во Киев, како критичар на власта во Русија и Белорусија. Во март годинава, пред својот хотел во украинскиот главен град беше убиен поранешниот руски пратеник Денис Вороненко, кој се сметаше како остар критичар на власта на рускиот претседател Владимир Путин.