Украл возило и предизвикал сообраќајна несреќа

Триесет и шест годишниот Џ.У. од тетовското село Пршовце вчера се здобил со тешки телесни повреди по сообраќајката што ја предизвикал додека управувал со украдено возило.

Џ.У.најпрво ја искористил невнимателноста на А.И.(55) од истото село кој го оставил клучот во бравата од својот автомобил „Опел Вектра“, влегол внатре и веднаш го стартувал возилото по што се упатил кон Тетово. На околу стотина метри пред влезот во селото Слатино на регионалниот пат Јажинце – Тетово , Џ.У. загубил контрола на возилото, излетал во патот и удрил во две пракирани возила комбе „Форд Транзит“ и „Голф“, сопственост на лица од Слатино.

Од излетувањето и ударот тој задобил скршеница на десниот колк, други скршеници и повреди на екстремитетите и веднаш бил пренесен во тетовската клиничка болница од каде поради тежината на повредите бил упатен на скопските клиники.

По овластување на јавен обвинител увид на местото од сообраќајката извршила екипа на СВР Тетово и според првичните информации причина за несреќата била неприлагодената брзина со која Џ.У. го управувал возилото додека вкупната материјална штета се проценува на околу 200 илјади денари. Полицијата работи на целосно расчистување на случајот. Според неофицијални информации од жителите на Пршовце Џ.У. подолго време се соочувал со психички проблеми.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.