Улфкот: „Репортери без граници“ беа финансирани од Сорос

По обвинувањата што ги изнесе во својата најнова книга „Kупени новинари“ поранешниот новинар на германскиот „Франкфуртер Алгемајне цајтунг“, Удо Улфкот, таа стана хит на социјалните мрежи, бестселер на „Амазон“, но не ги предизвика организациите за медиумски слободи, ниту да се огласат со некаков став, ниту да ги испитаат тврдењата на Улфкот, пренесува Дневник.

– Никој досега не ме прашал ништо за она што го напишав и зад кое стојам – вели Улфкот за „Дневник“.

Претставник на „Репортери без граници – Германија“, претходно ни изјави дека е запознат со книгата на Улфкот.

-Да, ја прочитав книгата. Таа се наоѓа на листата на бестселери. Но, за мене таа не е релевантна и не игра никаква улога за нашата организација. Во неа се изнесени безброј непоткрепени обвинувања. Мое лично мислење е дека е таа мошне црвена – вели претставникот на „Репортери“ кој инсистира на анонимност, додавајќи дека изразува свој личен став.

Улфкот не сакаше да ги коментира наводите на претставникот на „Репортери“, но кусо изјави:

– Не можам ништо да направам со „Репортери без граници“ бидејќи тие беа финансирани од милијардерот Џорџ Сорос и беа многу блиски со ЦИА, тврди тој.

Ваквото тврдење, додава тој, може да се поткрепи и со веќе објавени информации дека „Репортери без граници“ најмалку неколку години биле финансирани од американскиот Интернационален републикански институт, како што открил американскиот Национален фонд за демократија. На ваквите тврдења од „Репортери“ стигнал одговор дека добиле релативно мали грантови, а најголемиот дел од парите ги добивале продажба на книги и фотографии. Но, истражувачките новинари тогаш пресметале дека дури и да се печателе книгите бесплатно, во 2004 година, на пример, требало да бидат продадени 170.200 книги, а во 2005, 188.400 книги за да се стигне до заработка од над два милиона долари, колку што тврдела организацијата дека заработува годишно. Според нив, јасно е дека парите доаѓале од друго место, што подоцна се покажало точно.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.