Улицата Јордан Мијалков ќе добие уште една лента

Улицата Јордан Мијалков (поранешна Железничка), ќе добие уште една сообраќајна лента, на која ќе се надоврзе и сервисна улица за објектите предвидени да се градат до Јужниот булевар.  Градоначалникот Коце Трајановски денска го означи стартот на градежните активности од крстосницата на улицата Јордан Мијалков со улицата Герман.

Сообраќајницата ќе се проширува во должина од 750 метри,  до улицата Павел Шатев. Реконструкцијата предвидува и средишно зеленило од 1,5 метaр. Вредноста на инвестицијата за градежните работи  е 43 милиони денари, а  4 милиони денари ќе се потрошат за улично осветлување.

„Изведувач е градежната фирма ’Пелагонија’ од Гостивар, а осветлувањето ќе го поставува компанијата „Дигит“. Градежните работи треба да завршат за 150 работни дена,  може и побрзо доколку нема проблеми со подземната инсталација. Со завршувањето на улицата ќе се добие поголема проточност, а ќе има и еколошки бенефит, а улицата ќе биде дел од следниот сообраќаен јазол што се прави во овој дел од градот, околу Јужниот булевар“, истакна Трајановски.

На стартот на градежните активности присуствуваше и премиерот Никола Груевски.

Токму оваа крстосница на  улицата не е многу омилена кај возачите, особено кај тие кои од улицата Герман треба да се вклучат на улицата Јордан Мијалков, бидејќи иако е многу фреквентна сообраќајница која води кон задниот влез на Клиничкиот центар, има само ознаки за предност, но не и семафори. Сепак, новата реконструирана улица ќе добие и светлосна сигнализација.2 5 6