Уметнички ансамбл од Кина гостува во Скопје

Во организација на Институтот „Конфуциј“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје вечер од 20 часот во Дом на АРМ во Скопје ќе гостува уметничкиот ансамбл од Чангша – главен град на провинцијата Хунан во НР Кина.
Ансамблот ќе настапи со песни и танци од различни делови на Кина, а ќе претстави и борбени вештини кои се дух и традиција на кинеската култура. Ќе биде изведена и музика на традиционалниот кинески инструмент пипа, на кинеска флејта и лаута од бамбус.
Меѓу точките во програмата е Танцот на паунот – фолклорен танц карктеристичен за малцинството Даи, со кој се изразува љубовта кон природата и животот, и Мелодија за змејовиот чун – фолклорна песна од провинцијата Хубеи, која се пее за време на традиционалните кинески празници.
kina1
Институтот „Конфуциј“ – Скопје беше отворен во 2013 година и е сместен до главниот влез на НУБ „Св. Климент Охридски“. Целите на институтите „Конфуциј“ низ светот се запознавање на богатата историја и и култура на Кина  и зајакнување на образовната соработка помеѓу Кина и земјите во кои тие се отворени. „Конфуциј“ во Скопје располага со библиотека со книги и списанија, ДВД, филмови и аудио материјали, а организира и настава за изучување на кинескиот јазик.