Умре „сметководителот од Аушвиц“

Поранешниот припадник на нацистичката СС служба, познат како „сметководителот од Аушвиц“, Оскар Гренинг, починал во 96-та година од животот, објавија медиумите повикувајќи се на неговиот адвокат.

Портпаролот на Државното обвинителство на Хановер, Оливер Ејзенхаур изјави дека адвокатот го информирал за смртта на Оскар Гренинг кој во 2015 година беше осуден на четири години затвор поради учество на смртта на 300.000 Евреи. Информацијата за неговата смрт не можел официјално да ја потврди.

„Единствено го имаме писмото на неговиот адвокат во кое пишува дека Гренинг умрел“, изјавил Ејзенхаур и објаснил дека сѐ уште ја нема посмртницата којашто правосудните власти треба да ја упатат до градската управа, што може да потрае со денови.

Германскиот регионален дневен весник Allgemeine Zeitung и државниот радио-телевизиски канал NDR објавија, исто така, дека Гренинг умре. Според неделникот Der Spiegel, поранешниот СС-овец починал во болница.

Оскар Гренинг беше меѓу последните поранешни нацисти кој одговараше за своите активности пред судовите, повеќе од 70 години по завршувањето на Втората светска војна. Во текот на процесот се извини и спомена „морална грешка“.

Кон крајот на 2017 година германското правосудство наложи негово затворање, но тој со сите средства го избегнуваше одењето зад решетките, напиша и молба за помилување. Во време на смртта беше во болница и не започна да ја издржува казната.

Гренинг во текот на неговиот ангажман во озлогласениот логор на смртта, самиот никого не убил, меѓутоа обвинителите тврдеа дека со водењето на спецификациите за парите запленети од Евреите кои со возови масовно биле транспортирани во логорот, го помагал режимот договорен за истребувањето.

Германскиот магазин Der Spiegel, во профилот што во 2005 година го направи за Гренинг, го нарече „сметководителот од Аушвиц“, и тој прекар се задржа до денес. Гренинг тогаш раскажуваше за времето што го минал во Аушвиц и не негираше дека таму се случувале масовни убиства.

Гренинг беше обвинет за помош при криењето на багажот на затворениците. „Така се уништувани трагите за масовните убиства пред доаѓањето на следните затвореници“, наведува обвинителството во Хановер. Исто така, ги броел и парите пронајдени меѓу личните предмети на затворениците и ги испраќал во штабот на СС во Берлин. Гренинг бил потполно свесен дека затворениците означени како „неспособни за работа“ биле убивани, тврдеше обвинителството. На тој начин „создавал економска полза за нацистичкиот режим и ги поддржувал процесот на убивање“.

Откако доброволно се пријавил во елитната Waffen-SS, Оскар Гренинг служел во нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц-Биркенау, најголемиот концентрационен логор кој нацистичка Германија го подигнала во Втората светска војна, во кој се убиени повеќе од милион луѓе, повеќето Евреи.

По војната накусо Гренинг бил во британско заробеништво, а по ослободувањето работел во фабрика за стакло во Луененбург и, воопшто некриејќи се, мирно живеел со сопругата и децата. Даваше интервјуа во коишто раскажуваше за ужасите во логорот, но секогаш истакнуваше дека не учествувал во убиствата. Медиумскиот интерес за него и процесот против него беше голем и во големата судница за новинарите беа резервирани 60 места, од кои 23 за странските медиуми.

Изведувањето пред судот на Гренинг го овозможи промената на законот во Германија,. Претходно на поранешните нацисти мораше да им биде докажано дека лично учествувале во убиствата, но сега може да им се суди и за соучесништво. Неговото судење, исто така, може да биде последното на некој поранешен нацист. Во моментов во Германија се водат дваесетина прелиминарни истраги, но изгледите да бидат приведени до крај се под знак прашање, во прв ред поради возраста на осомничените.